1

1

Откровение на Исус Христос, кое Му го даде Бог, за да им го покаже на слугите Свои она што треба да стане скоро. Тој го најави тоа испраќајќи го Својот ангел на слугата Свој Јован,

2 Кој го посведочи словото Божјо и сведоштвото на Исус Христос, и сѐ што виде.

3 Блажен е оној кој чита и оние кои ги слушаат зборовите на ова пророштво и пазат на напишаното во него; зашто времето е блиску.

4

Јован — до седумте цркви, што се во Азија: благодат вам и мир од Оној, Кој е, и Кој бил, и Кој иде, и од седумте духови кои се пред Неговиот престол,

5 и од Исус Христос, Кој е верен сведок. Првороден од мртвите и Господар на земните цареви. Нему, Кој нѐ воз­љу­би и изми од нашите гревови преку Сво­јата крв

6 и Кој нѐ направи пред Бога и Неговиот Отец царство на свештеници, слава и власт во вечни векови. Амин!

7 Ете, иде со облаци, и ќе го види секое око, и оние што Го прободоа; и ќе се расплачат пред Него сите племиња на земјата. Да. Амин!

8 Јас сум Алфа и Омега, почеток и крај — вели Господ, Кој е, Кој беше, и Кој иде, Седржителот.

9

Јас, Јован, вашиот брат и соучесник во скрбта и во царството и во трпението на Исус, бев на островот, наречен Патмос, заради словото Божјо и заради сведоштвото на Исус.

10 Во Господовиот ден бев понесен од Духот и зад себе чув силен глас како од труба ,

11 кој велеше: „Тоа што ќе го видиш, напиши го во книга и испрати го до седумте Цркви, (што се во Азија): во Ефес и во Смирна, во Пергам и во Ти­атир, во Сард, во Филаделфија и во Ла­одикија!“

12 И се свртев за да го видам гласот што зборуваше со мене; и штом се свртев, видов седум златни свеќници,

13 а сред седумте свеќници еден, како Синот Човечки, облечен во долга облека до нозете и околу градите препашан со златен појас;

14 главата и косата Му беа бели како бела волна, како снег, а очите Негови — како огнен пламен;

15 нозете Негови — слични на усвитена бронза, како во печка вжарена, а гласот Негов — како шум од многу води.

16 Во Својата десна рака Тој држеше седум ѕвезди, а од Неговата уста излегуваше меч со две острици; лицето Него­во светеше како што сонцето сјае во полна сила.

17 Штом Го видов, паднав пред Не­го­вите нозе како мртов. Тој ја стави Сво­јата десна рака врз мене и ми рече: „Не плаши се! Јас сум Првиот и Последниот

18 и Живиот. Бев мртов, и ете, жив сум за сите векови и ги имам клучевите од адот и смртта.

19 И така напиши што виде, што е и што има да стане по тоа.

20 Ова е тајната на седумте ѕвезди што ги виде во Мојата десница, а на седумте златни свеќници: седумте ѕвезди се ангелите на седумте цркви — а седумте свеќници, што ги виде, тоа се седумте цркви.“

2

1

На ангелот на Ефеската црква напиши му: ова го вели Оној Кој ги држи седумте ѕвезди во десницата Своја, Кој оди среде седумте свеќници;

2 ги знам делата твои, трудот твој и трпението твое, и дека не можеш да ги поднесеш лошите; знам дека си ги испитал оние што себеси се нарекуваат апостоли, а не се, и дека си утврдил дека се лажговци;

3 дека имаш трпение, дека си поднесувал за името Мое и дека не си се уморил.

4 Но имам нешто против тебе, зашто ја остави својата прва љубов.

5 Спомни си од каде си паднал и покај се, и врши ги поранешните дела; ако не, скоро ќе ти дојдам и ќе го преместам свеќникот твој од местото негово, ако не се покаеш.

6 А ова го имаш: ги мразиш делата на николаитите, кои и Јас ги мразам.

7 Кој има уво, нека чуе што им зборува Духот на Црквите: — на оној што победува ќе му дадам да јаде од дрвото на животот што е сред Божјиот рај.

8

И на ангелот на Смирненската црк­ва напиши му: така вели Првиот и Пос­ледниот, Кој беше мртов и еве оживеа:

9 ги знам твоите дела, скрбта и сиромаштијата — но ти си богат: и хулењата на оние, кои за себе велат дека се Јудеј­ци, а не се, туку се сатанска збирштина.

10 Не плаши се воопшто од она што ќе треба да го истрпиш. Ете, ѓаволот не­кои од вас ќе фрли в затвор за да ве ис­куша, и ќе бидете нажалени десетина дни. Биди верен до самата смрт и ќе ти го дадам венецот на животот.

11 Кој има уво, нека чуе што им зборува Духот на црквите: на победникот, втората смрт нема да му нанесе штета.

12

А на ангелот на Пергамската црква напиши му: вака вели Оној Кој држи меч со две острици:

13 (ги) знам (делата твои) каде живееш, каде е престолот на сатаната, и дека го држиш името Мое, и дека не се одрече од верата Моја дури и во де­но­вите кога Мојот верен сведок Антипа беше убиен меѓу вас, во чија средина живее сатаната.

14 Но за неколку работи сум против тебе, зашто имаш таму некои што го држат учењето на Валаам, кој го учеше Валака да ги наведе на грев синовите Израелови, та да јадат жртви идолски и да блудствуваат.

15 А имаш и некои што го држат уче­њето на николаитите, кое го мразам.

16 Покај се! Ако, пак, не, скоро ќе ти дојдам и ќе стапам во борба против нив со мечот на устата Своја.

17 Кој има уво, нека чуе што им зборува Духот на црквите: на оној што по­бе­дува ќе му дадам да јаде од сокриената мана и ќе му дадам бело камче и на камчето напишано ново име, што никој не го знае, освен оној, што го добива!

18

И на ангелот на Тиатирската црква напиши му: ова го вели Синот Божји, Чии очи се како огнен пламен, а нозете слични на усвитена бронза:

19 ги знам твоите дела, и љубовта, и службата, и верата, и служењето, и трпението твое, и дека твоите последни дела се побројни од првите.

20 Но за ова сум лут на тебе, зашто позволуваш жената Језавела, која себе се нарекува пророчица, да ги учи и ма­ми слугите Мои да блудствуваат и да ја­дат идолски жртви.

21 А ѝ дадов време да се покае за блудството свое, но таа не се покаја.

22 Ете, неа ја фрлам на постела, и оние што блудствуваа со неа, во маки големи — ако не се покаат за делата свои.

23 И чедата нејзини ќе ги казнам со смрт, и сите цркви ќе дознаат дека Јас сум Оној Кој ги истражува срцата и бубрезите; и секому од вас ќе му дадам според делата негови.

24 А вам и на другите во Тиатир, што не го држат тоа учење и не ги запознаа таканаречените „длабочини сатански“, ви велам: нема да ви наложам друго бреме.

25 Но држете го само она што го има­те, додека не дојдам.

26 И кој победува и ги пази делата Мои до крај, нему ќе му дадам власт над незнабошците,

27 и ќе ги пасе со железен жезол; и тие ќе се строшат како земјени садови.

28 Како што и Јас примив власт од Својот Отец, нему ќе му ја дадам ѕвездата Деница.

29 Па, кој има уво, нека чуе што им зборува Духот на црквите.

3

1

И на ангелот на Сардската црква напиши му: еве што вели Оној Кој ги има седумте ѕвезди: ги знам делата твои; носиш име дека си жив, а мртов си.

2 Биди буден и утврдувај ги оние што се на умирање; бидејќи делата твои не ги најдов совршени пред Мојот Бог.

3 Спомни си за она што си го примил и чул, и послушај го, и покај се. Ако не бидеш буден, ќе дојдам против тебе ка­ко крадец, и нема да дознаеш кога ќе дојдам против тебе.

4 Но во Сард имаш неколку имиња што не ги осквернија алиштата свои. Тие ќе одат со Мене во бела облека, би­дејќи се достојни.

5 Кој победува ќе биде облечен во бе­ла облека, и нема да му го избришам името негово од книгата на животот, туку ќе го признаам името негово пред Мојот Отец и пред Неговите ангели.

6 Кој има уво, нека чуе што им зборува Духот на црквите.

7

И на ангелот на Филаделфиската црква напиши му: вака вели Светиот, Вистинитиот, Оној, Кој го има клучот Давидов, Кој отвора, и никој не може да затвори, — и Кој затвора, никој не може да отвори:

8 ги знам делата твои. Ете, ти дадов отворена врата, што никој не може да ја затвори; ти имаш мала сила и сепак го запази словото Мое, и не одречувај се од името Мое.

9 Ете, ќе направам некои од сатанската синагога — оние што велат дека се Ју­дејци, а не се, туку лажат, — да дојдат и да се поклонат пред нозете твои и да познаат дека Јас те засакав.

10 Бидејќи ти го запази словото на трпението Мое, и Јас ќе те запазам од часот на искушението кое ќе дојде над целиот свет, за да ги искуша оние што живеат на земјата.

11 Ете, доаѓам скоро: држи што имаш, за никој да не го земе венецот твој.

12 Оној кој победува, ќе го направам столб во храмот на Мојот Бог, и нема веќе да излезе надвор; и ќе го напишам на него името на Мојот Бог и името на градот на Мојот Бог, на новиот Еру­са­лим, кој слегува од небото од Мојот Бог, и Моето ново име.

13 Кој има уво, нека чуе што им зборува Духот на црквите.

14

И на ангелот на Лаодикиската црк­ва напиши му: ова го вели Амин, Вер­ниот и Вистинитиот Сведок. Почетокот на Божјото создание:

15 ги знам делата твои: ти не си ни студен, ни жежок; о, да беше студен или жежок!

16 Така, бидејќи си млак, а не жежок, или студен, ќе те изблујам од устата Своја!

17 Зашто велиш: „Богат сум и се збо­га­тив, и ништо не ми треба“, а не знаеш дека си беден и проколнат, сиромав, слеп и гол;

18 те советувам да си купиш од Мене злато низ оган пречистено, за да се збогатиш; и бела облека, за да се об­ле­чеш, и да не се гледа срамот на голотијата твоја, и со очна маст намачкај ги очите твои за да гледаш.

19 Оние што Јас ги сакам, нив ги ка­рам и воспитувам. И така, биди искрен и покај се.

20 Ете, стојам пред вратата и чукам. Ако некој го чуе гласот Мој и ја отвори вратата, ќе влезам кај него и ќе вечерам со него, и тој со Мене.

21 На оној што победува, ќе му доз­во­лам да седне со Мене на Мојот престол, како што и Јас победив и седнав со Отецот Свој на Неговиот престол.

22 Кој има уво, нека чуе, што им збо­рува Духот на црквите.

4

1

Потоа погледав, и ете, отворена врата на небото, и поранешниот глас, што го бев чул како од труба, кој зборуваше со мене, рече: „Искачи се ов­де и ќе ти покажам што треба да стане потоа!“

2 И веднаш бев обземен од духот. И ете, на небото стоеше престол, и на престолот седеше Некој.

3 Оној што седеше изгледаше како ка­мен јаспис и сардис, а околу престолот виножито, кое прилегаше на смарагд.

4 Околу престолот, пак, имаше дваесет и четири престоли; и на престолите видов седнати дваесет и четири ста­ре­шини, облечени во бели алишта, а на главите светкавици, громови и гласови; имаа златни венци.

5 И од престолот излегуваа молњи, громови и гласови, а пред престолот го­реа седум огнени светила, кои се се­дум­те Божји духови;

6 пред престолот, пак, имаше стакле­но море, слично на кристал; а сред престолот и околу престолот — четири животни, однапред и одназад полни со очи:

7 првото животно прилегаше на лав, второто — на теле, третото животно имаше лице како на човек, а четвртото личеше на орел во лет.

8 Четирите животни имаа по шест крилја околу себе, а однатре беа полни со очи, и без прекин дење и ноќе воскликнуваа: „Свет, свет, свет е Господ Бог Седржителот, Кој беше, Кој е и Кој ќе дојде!“

9 А кога животните Му оддаваа слава, чест и благодарност на Седнатиот на престолот, на Живиот во сите векови,

10 дваесет и четирите старешини па­ѓаа пред Седнатиот на престолот, Му се поклонуваа на Живиот во сите векови и ги полагаа своите венци пред прес­то­лот, велејќи:

11 „Достоен си, Господи, да ја примиш славата, честа и силата, зашто Ти си создал сѐ, и според Твојата волја постои сѐ и е создадено!“

5

1

И видов во десницата на Оној Кој седеше на престолот, книга на­пи­шана однатре и однадвор, запечатена со седум печати.

2 И видов силен ангел што викаше со висок глас: „Кој е достоен да ја отвори книгата и да ги скрши печатите нејзини?“

3 И никој не можеше ниту на небото, ниту на земјата, ниту под земјата, да ја отвори книгата, ниту, пак, да ја гледа.

4 И јас многу плачев, што никој не се најде достоен да ја отвори и да ја про­чи­та таа книга, ниту да ѕирне во неа.

5 А еден од старешините ми рече: „Не плачи! Ете, Лавот, Кој е од Јудиното колено, Коренот Давидов, победи да ја отвори книгата и да ги скрши нејзините седум печати!“

6 Погледав, и ете, сред престолот и четирите животни и сред старешините стоеше Јагнето, како заклано, со седумте рога и седумте очи, кои се се­думте духови Божји, пратени по целиот свет.

7 Тој дојде и ја зеде книгата од Оној, Кој седеше на престолот.

8 И кога ја зеде книгата, четирите жи­вотни и дваесет и четирите Старешини паднаа пред Јагнето, држејќи секој од нив харфа и златни чаши, полни со темјан, кои се молитвите на светиите;

9 и пееја нова песна, велејќи: „Достоен си да ја земеш книгата и да ги скршиш нејзините печати, зашто Ти беше заклан и со Својата крв нѐ откупи за Бога од секое колено, јазик, народ и племе,

10 и нѐ направи пред нашиот Бог цареви и свештеници, и ќе царуваме на земјата!“

11 Потоа видов и чув глас на многу ангели околу престолот и околу животните и старешините, а бројот им беше илјадници и милиони,

12 кои зборуваа со висок глас: „Дос­тој­но е закланото Јагне да прими сила и богатство, мудрост и моќ, чест, слава и благослов!“

13 И секое создание на небото и на земјата, под земјата и во морето, и сѐ што е во нив, чув како зборува: „На Оној Кој седи на престолот, и на Јаг­не­то — благослов и чест, слава и владеење во сите векови!“

14 А четирите животни велеа: „Амин!“ И дваесет и четирите ста­ре­ши­ни паѓаа и Му се поклонуваа на вечно Живиот.

6

1

И видов кога Јагнето скрши еден од седумте печати, и чув едно од че­ти­рите животни кое проговори како со глас на грмотевица: „Дојди и види!“

2 И видов, ете, бел коњ, и на него ја­вач со лак; и Му беше даден венец, и тој излезе како победник, за да победи.

3 А кога го извади вториот печат, го чув како проговори второто животно: „Дојди и гледај!“

4 И излезе друг коњ, црвен; и на ја­ва­чот му беше дадено да го одземе мирот од земјата, та еден со друг да се убива­ат; и му беше даден голем меч.

5 А кога се отвори третиот печат, чув како проговори третото животно: „Дојди и види!“ И видов, ете вран коњ, а на него јавач со мерила во раката своја.

6 И чув глас сред четирите животни, кој зборуваше: „Шиник пченица за де­нариј, и три шиника јачмен за денариј; а растителното масло и виното ќе ги не­ма!“

7 И кога се раскрши четвртиот печат, го чув гласот на четвртото животно кое рече: „Дојди и гледај!“

8 И видов. И ете сив коњ, а на него јавач, чие име беше смрт; и адот врвеше по него, и му се даде власт над четвртина од земјата — да убива со меч и глад, со помор и земни ѕверови.

9 А кога го симна петтиот печат, под жртвеникот ги видов душите заклани заради словото Божјо и за сведоштвото, што го имаа

10 и викаа со висок глас, велејќи: „До кога, Севишен, свети и вистинити, нема да судиш и да им се одмаздуваш за нашата крв на оние што живеат на земјата?“

11 И на секого од нив им се дадоа бели облеки, и им се рече да починат уште малку време, додека не се дополни бројот на нивните сотрудници и браќа, што ќе бидат убиени, како и тие.

12 И видов, кога се крена шестиот печат. И, ете, настана голем земјотрес, и сонцето стана црно како вреќа од кострет, и месечината стана како крв;

13 ѕвездите, пак, небесни паднаа на земјата, како што смоквата лулана од силен ветар, ги исфрла пупките свои;

14 и небото исчезна како свиткана хартија, и секоја гора и секој остров се по­местија од местата свои;

15 и царевите земни, и благородни­ци­те, и богатите, и војводите, и силните, и секој роб и слободен се скрија во пеш­те­ри и горски камењари,

16 велејќи им на планините и на кар­пите: „Паднете врз нас и скријте нѐ од лицето на Оној Кој седи на престолот и од гневот на Јагнето,

17 зашто дојде големиот ден на Неговиот гнев, и кој може да опстане?“

7

1

Потоа видов четири ангела како стојат на четирите агли од земјата, држејќи ги четирите земни ветрови, за да не дува ветар ни на земјата, ни по мо­рето, ниту на некое дрво.

2 И видов друг ангел како се подига­ше од исток кој имаше печат на живиот Бог. И тој извика со висок глас кон че­тирите ангели, на кои им беше дадено да ѝ пакостат на земјата и морето, велејќи:

3 „Не пакостете ѝ на земјата, ниту на морето, ниту, пак, на дрвјата, додека не им ставиме печат врз челата на слугите на нашиот Бог!“

4 И го чув бројот на одбележаните со печат: сто четириесет и четири илјади беа одбележани од сите колена на синовите Израелови.

5 Од Јудиното колено со печат од­бе­ле­жани — дванаесет илјади; од Рувимовото колено — дванаесет илјади; од Гадовото колено — дванаесет илјади;

6 од Асировото колено — дванаесет илјади; од Нефталимовото колено — два­наесет илјади; од Манасиевото колено — дванаесет илјади;

7 од Симеоновото колено — дванаесет илјади, од Левиевото колено — дванаесет илјади; од Исахаровото колено — дванаесет илјади;

8 од Завулоновото колено — дванаесет илјади; од Јосифовото колено — дванаесет илјади; од Венијаминовото колено — дванаесет илјади.

9

Потоа видов, и ете, големо мноштво народ, кое никој не можеше да го преброи, — од сите племиња и колена, народи и јазици; тие стоеја пред престолот и пред Јагнето, облечени во бели облеки и со палмови гранчиња во рацете.

10 И воскликнуваа со висок глас, ве­лејќи: „За спасението наше слава на на­шиот Бог, Кој седи на престолот, и на Јагнето!“

11 А сите ангели стоеја околу пре­сто­лот, старешините и четирите животни, и паднаа ничкум пред престолот и Му се поклонија на Бога,

12 велејќи: „Амин! Благослов и слава, мудрост и благодарност, чест и сила и моќ на нашиот Бог во сите векови. Амин!“

13 А еден од старешините прозборе и ме праша: „Оние, облечени во бели об­леки, кои се и од каде дошле?“

14 А јас му одговорив: „Ти знаеш, господине.“ А тој ми рече: „Тие се што дојдоа од големи маки; тие ги испраа облеките свои и ги избелија со крвта на Јагнето.

15 Затоа се пред престолот на Бога, Кому Му служат во Неговиот храм и дење и ноќе; и Оној, Кој седи на прес­то­лот, ќе се всели во нив;

16 и нема веќе да огладнат, ниту, пак, да ожеднат; нив нема да ги пече сонцето и никаква горештина;

17 бидејќи Јагнето, Кое е среде прес­толот, ќе ги пасе и води на живи извори водни, и Бог ќе им ја избрише секоја солза од очите нивни.“

8

1

Кога го отвори седмиот печат, наста­на тишина на небото околу по­ло­вина час.

2 И ги видов седумте ангели што стоеја пред Бога и им беа дадени седум труби.

3 Тогаш дојде друг ангел со златна кадилница и застана пред жртвеникот; и му беше даден многу темјан, та со мо­литвите на сите светии да го постави на златниот жртвеник што беше пред престолот.

4 Димот од темјанот, заедно со мо­лит­вите на светиите се издигна од раката на ангелот пред Бога.

5 И ја зеде ангелот кадилницата, и ја наполни со оган од жртвеникот, и ја фр­ли на земјата, и тогаш се појавија гласови, грмотевици, светкавици и земјотрес.

6

И седумте ангели што ги држеа се­думте труби, се приготвија да затрубат.

7 Првиот ангел затруби, и се појави град и оган, смешани со крв, и паднаа на земјата. И една третина од дрвјата изгореа, и сета зелена трева изгоре.

8 Затруби и вториот ангел — и како некоја голема гора, пламната во оган, се срина во морето; и третина од морето се претвори во крв;

9 и умре една третина од морските суштества, што имаа душа; и една тре­тина од корабите пропаднаа.

10 И третиот ангел затруби, и од не­бо­то падна голема ѕвезда, која гореше ка­ко светило, и падна врз третината од ре­ките и водните извори.

11 А името на таа ѕвезда е Пелин. И третиот дел од водите загорчи како пе­лин, и многу луѓе умреа од водите, би­дејќи беа загорчени.

12 Потоа затруби и четвртиот ангел, и беше удрена една третина од сонцето, една третина од месечината и една третина од ѕвездите, за да потемнее ед­на третина од нив, та третина од денот, како и на ноќта, да не свети.

13 И видов и чув еден орел како лета среде небото и вика со висок глас: „Тешко, тешко, тешко на оние што жи­веат по земјата од другите трубни гла­сови на трите ангели што ќе трубат!“

9

1

Затруби и петтиот ангел, и видов ѕвезда како падна од небото на земјата. И ѝ беше даден клучот од кла­де­не­цот на бездната;

2 па го отвори кладенецот на бездната, и од кладенецот излезе дим како дим од голема печка; сонцето и воздухот по­темнеа од димот на изворот.

3 И од димот се појавија скакулци по земјата, и им се даде власт, каква што имаат земните скорпии.

4 И им се рече да не ја повредуваат тревата по земјата, ниту какво и да би­ло зеленило, ниту некое дрво, а само оние луѓе, кои немаат печат Божји на челата свои.

5 И им се даде не да ги убиваат, туку само да ги мачат пет месеци; и ма­че­ње­то нивно беше како мачење од скорпија, кога ќе касне човек.

6 Во тие дни луѓето ќе ја бараат смртта, но нема да ја најдат; ќе посакаат да умрат, но смртта ќе бега од нив.

7 По својот облик скакулците личеа на коњи приготвени за војна: на главите нивни имаше нешто слично на златни венци, а лицата им беа како лица човеч­ки;

8 имаа коси како косите на жени, а забите им беа како заби на лавови.

9 И имаа оклопи како оклопи од же­лезо; а шумот на нивните крилја беше како шум на коли со многу коњи кога трчаат во војна.

10 Имаа, пак, опашки како скорпиите, а на опашките осила и им беше дадена сила да им пакостат на луѓето пет месеци.

11 И за цар над себе го имаа ангелот на бездната; името негово по еврејски е Авадон, а по грчки — Аполион .

12 Едното зло помина, еве идат уште две зла по него.

13 И шестиот ангел затруби, и чув еден глас од четирите рога на златниот жртвеник, што е пред Бога,

14 кој му зборуваше на шестиот ангел, кај кого беше трубата: „Ослободи ги четирите ангели, врзани кај големата река Еуфрат!“

15 И беа одврзани четирите ангели, кои беа приготвени за часот и денот, за месецот и годината, за да убијат една третина од луѓето.

16 Бројот на коњаниците беше двесте милиони — го чув нивниот број.

17 И така во видение ги видов коњите и оние кои јаваа на нив, што имаа оклопи огнени и синкасти и сулфурни. Главите на коњите личеа на глави од лавови, а од устата нивна излегуваше оган, дим и сулфур.

18 А од тие три зла — огнот, димот и сулфурот, што излегуваа од нивната уста, умре една третина од луѓето,

19 бидејќи нивната сила беше во нивната уста, а опашките нивни, што личеа на змии, имаа глави со кои пустошеа.

20 А другите луѓе, што не загинаа од тие зла, не се покајаа за делата на ра­цете свои, та да не се поклонуваат ни на ѓаволи ни на идоли златни и сребрени, бронзени, камени и дрвени, кои не можат ниту да гледаат, ниту да слу­ша­ат, ниту, пак, да одат;

21 и не се покајаа ни за убиствата свои, ниту, пак, за вражбите свои, ниту за блудството свое, ниту за кражбите свои.

10

1

И видов друг силен ангел како слегува од небото, обвиен со облак, над главата виножито, а лицето негово беше како сонце, додека нозете како огнени столбови;

2 во раката своја тој држеше отворена книшка; и ја постави својата десна нога над морето, а левата — над земјата;

3 и извика со висок глас, како што ри­ка лав; а кога извика, седум громови проговорија со своите гласови.

4 И кога седумте громови проговорија со своите гласови, сакав да пишувам. Но чув глас од небото, кој ми зборува­ше: „Запечати го тоа што го зборуваа седумте громови, и немој да го пи­шуваш!“

5 И ангелот, кого го видов како стои над морето и над земјата, крена рака кон небото

6 и се заколна во Оној Кој живее во вечни векови и Кој го создал небото и сѐ што е на него, земјата и сѐ што е на неа, и морето и сѐ што е во него — дека не ќе има веќе време,

7 но во деновите, кога седмиот ангел ќе се огласи и ќе затруби, тогаш ќе се изврши тајната на Бога, како што им беше објавил Тој на своите слуги — пророците.

8 И гласот што го бев чул од небото, одново прозборува со мене и рече: „Оди и земи ја отворената книшка од рацете на ангелот што стои над морето и над земјата!“

9 Тогаш отидов кај ангелот и му ре­ков: „Дај ми ја книшката!“ Тој ми од­го­вори: „Земи ја и изеди ја! Во стомакот твој таа ќе ти биде горчлива, но во устата ќе ти биде слатка како мед.“

10 Ја зедов книгата од рацете на ан­ге­лот, и ја изедов и во устата ми беше слатка како мед, а кога ја изедов, ми беше горчлива во стомакот.

11 И ми рече: „Треба пак да пророкуваш меѓу многу народи и племиња, јазици и цареви.“

11

1

И ми се даде мерна трска слична на жезол, и ми се рече: „Стани и измери го Божјиот храм и жртвеникот и оние што се поклонуваат во него.

2 А дворот пред храмот остави го и не мери го, бидејќи им е даден на незна­бошците: тие ќе го газат светиот град четириесет и два месеци.

3 И ќе им дадам на двајца Мои сведоци, и тоа облечени во вреќи, да пророкуваат илјада двесте и шеесет дена.“

4 Тие се двете маслинови дрвца и два­та светилника што стојат пред Гос­по­да­рот на Земјата.

5 И, ако некој сака да им направи не­правда, оган ќе излезе од устата нивна и ќе ги проголта нивните непријатели; да, така треба да биде убиен оној што ќе посака тоа да го направи.

6 Тие ќе имаат власт да го затворат небото за да не паѓа дожд во деновите на нивното пророкување, и ќе имаат власт над водите да ги претвораат во крв и да ја поразат земјата со секаква мака, кога ќе посакаат.

7 И кога ќе го завршат сведоштвото, тогаш ѕверот, кој ќе излезе од бездната, ќе им објави војна и ќе ги победи, и ќе ги убие.

8 А труповите нивни ќе ги остави по улиците на големиот град, кој духовно се нарекува Содом и Египет, каде што и нивниот Господ беше распнат.

9 И многу од народите и племињата и јазиците ќе ги гледаат нивните трупови три и пол дена и нема да дозволат нив­ните трупови да бидат погребани во гробови.

10 И жителите на земјата ќе се зарадуваат и развеселат поради нив, и ќе си праќаат подароци еден на друг, бидејќи тие два пророка ги мачеа оние што жи­веат на земјата.

11 Но по три и пол дена во нив ќе вле­зе животен дух од Бога, и тие ќе се исправат на нозете свои, и голем страв ќе ги обземе оние што ќе ги гледаат.

12 Тогаш тие ќе чујат висок глас од небото како им вели: „Искачете се ваму!“ И тие ќе се искачат на небото во облаци, и непријателите нивни ќе ги видат.

13 Во тој час ќе настане голем зем­јот­рес и една десетина од градот ќе се сру­ши; а од земјотресот ќе загинат седум илјади човечки имиња: другите, пак, ќе се исплашат и ќе Му оддадат слава на небесниот Бог.

14 Второто зло мина. Ете, брзо иде третото зло.

15

Затруби и седмиот ангел, и по не­бо­то одекнаа силни гласови, кои викаа: „Царството на светот стана царство на нашиот Господ и на Неговиот Хрис­тос , и Тој ќе царува во сите векови!“

16 И дваесет и четирите старешини, кои седеа пред Бога на престолите свои, паднаа ничкум и Му се поклонија на Бога,

17 велејќи: „Ти благодариме, Господи Боже Седржителе, Кој си, Кој беше и Кој ќе бидеш, зашто ја прими Својата голема сила и се зацари!

18 Народите збеснаа, но дојде Твојот гнев и времето да им се суди на мртвите и да дадеш награда за слугите Твои — на пророците, на светиите и на оние кои имаат страхопочит кон името Твое, ма­ли и големи, и да ги погубиш оние што ја уништуваа земјата!“

19 Тогаш на небото се отвори храмот на Бога, и се јави ковчегот на заветот во Неговиот храм; и имаше светкавици и гласови, громови и земјотрес, и град го­лем.

12

1

И голем знак се покажа на небото: жена, облечена во сонце; под нозете нејзини беше месечината, а на главата нејзина — венец од дванаесет ѕвезди.

2 Таа беше бремена и викаше од породилни болки, и се мачеше да роди.

3 Потоа се јави друг знак на небото. Ете, голем црвен змев со седум глави и десет рогови, а на главите негови седум круни;

4 опашката негова повлече една тре­тина од небеските ѕвезди и ги фрли на земјата. Змевот застана пред жената, која сакаше да роди, та, кога ќе роди, да го изеде детето нејзино.

5 И таа роди машко дете, кое ќе ги па­се сите народи со железен жезол; и де­тето нејзино беше грабнато и однесено кај Бога и Неговиот престол.

6 А жената побегна во пустина, каде што имаше приготвено место од Бога за да ја хранат таму илјада двесте и шеесет дена.

7 И настана војна на небото: Михаил и неговите ангели војуваа против змевот, а змевот и неговите ангели војуваа против нив;

8 но беа поразени, и за нив веќе не се најде место на небото.

9 И беше исфрлен големиот змев — старата змија, наречена ѓавол и сатана, која ја мами целата вселена, беше со­бо­рена на земјата, и заедно со неа и анге­лите нејзини беа исфрлени.

10 И чув висок глас на небото како зборува: „Сега настана спасението и силата и царството на нашиот Бог и власта на Неговиот Христос, бидејќи е симнат клеветникот на браќата наши, кој ги клеветеше пред нашиот Бог дење и ноќе.

11 Тие го победија со крвта на Јагнето и со словото на своето сведоштво и не се грижеа за животот свој дури до самата смрт.

12 Затоа веселете се, небеса, и вие, кои живеете на нив! Тешко вам, кои живе­ете на земјата и морето, зашто ѓаволот слегол кај вас со голем гнев, бидејќи знае дека му останува малку време!“

13 А кога виде змевот дека е фрлен на земјата, почна да ја гони жената што го беше родила машкото дете.

14 И ѝ се дадоа на жената две крилја како на голем орел за да одлета во пустината на своето место, каде ќе се храни време, две времиња и половина време, далеку од лицето на змијата.

15 И змијата од устата своја испушти по жената вода како река, за да ја од­влече со реката.

16 Но земјата ѝ помогна на жената: ја отвори земјата устата своја и ја проголта реката што ја беше испуштил змевот од устата своја.

17 И се разлути змевот на жената и отиде да војува со другите од семето нејзино што ги пазат Божјите заповеди и го имаат сведоштвото на Исус Хрис­тос.

18 И застана на морскиот песочен брег.

13

1

И видов како од морето излегува ѕвер со седум глави и десет рого­ви; на роговите негови имаше десет круни, а на главите негови — богохулни имиња.

2 Ѕверот што го видов прилегаше на леопард: нозете му беа како кај мечка, а устата — како уста на лав. И змевот му ја даде силата своја, и престолот свој, и голема власт.

3 И видов дека една од главите негови како да беше смртно ранета, но таа смртна рана му заздраве. Тогаш се зачуди целата земја и тргна по ѕверот;

4 и му се поклонија на змевот, кој му беше дал власт на ѕверот; му се поклонија и на ѕверот, велејќи: „Кој е како ѕверот, и кој може да војува со него?“

5 Нему му се даде уста што зборуваше големи зборови и богохулства; и му се даде власт така да прави четириесет и два месеци.

6 Тогаш ја отвори устата за хулење против Бога за да го навредува името Негово, живеалиштето Негово и оние што живеат на небото.

7 И му се даде да војува против светиите и да ги победи; му се даде власт над секое колено, јазик и народ.

8 И ќе му се поклонат сите земни жители, чии имиња не се запишани во книгата на животот на Јагнето заклано, од создавањето на светот.

9 Кој има уво, нека чуе:

10 кој во прогонство води, во прогонство ќе биде одведен; кој со меч убива, од меч треба да биде убиен. Тука е трпението и верата на светиите.

11 И видов друг ѕвер како излегува од земјата. Тој имаше два рога како кај јагне и зборуваше како змевот.

12 Ја извршува сета власт на првиот ѕвер во негово присуство и ја присилува целата земја и жителите нејзини да му се поклонат на првиот ѕвер, чија смртна рана се беше исцелила;

13 и правеше големи чуда, па дури и оган симнуваше од небото на земјата пред луѓето.

14 И ги мамеше земните жители со чудата што му беа дадени да ги врши пред ѕверот, велејќи им на земните жители да му направат биста на ѕверот, кој имаше рана од меч и остана жив.

15 И му се даде да вложи дух во бистата на ѕверот, та да прозборува тој и да направи да бидат убиени оние кои нема да се поклонат пред бистата на ѕверот.

16 И ќе направи на сите — мали и големи, богати и сиромаси, слободни и робови — да им се стави белег на десната рака или на челата нивни,

17 та никој да не може ни да купува, ниту да продава, освен оние што го имаат тој белег, или името на ѕверот, или бројот на името негово.

18 Тука е мудроста. Кој има ум, нека го пресмета бројот на ѕверот, бидејќи е број на човек, и бројот му е шестотини шеесет и шест.

14

1

Потоа видов: ете, Јагнето стои на гората Сион, и со Него сто четириесет и четири илјади, што го имаа на челата свои напишано името на Неговиот Отец.

2 И чув глас од небото како шум од многу води и како звук од силен гром; чув глас на харфисти што свират на харфите свои

3 и како да пеат нова песна пред престолот и пред четирите животни и старешините; и никој не можеше да ја научи таа песна, освен оние сто че­ти­ри­есет и четири илјади, кои беа откупени од земјата.

4 Тие се оние што не се осквернија со жена, бидејќи се девствени; тие се оние што го следеа Јагнето каде и да оди, Тие се откупени меѓу луѓето, првенци на Бога и на Јагнето,

5 и во устата нивна измама не се најде; тие се непорочни пред престолот Бож­ји.

6

И видов друг ангел како лета среде небото, кој имаше вечно Евангелие, за да им благовести на жителите земни, на секое племе и колено, јазик и народ.

7 Тој зборуваше со висок глас: „Имај­те страхопочит кон Бога и подајте Му слава, зашто настапи часот на Неговиот суд, и поклонете Му се на Оној Кој ги создал небото и земјата, морето и водните извори!“

8 И друг ангел се појави по него, ве­лејќи: „Падна, падна Вавилон, големиот град, зашто сите народи ги напои со жестокото вино на своето блудство!“

9 И трет ангел по него наиде, зборувај­ќи со висок глас: „Кој ќе му се поклони на ѕверот и на бистата негова, и прими белег на челото свое или на раката своја,

10 тој ќе пие од виното на јароста Божја, вино неразводнето, излеано во чашата на Неговиот гнев, и ќе биде ма­чен со оган и сулфур пред светите ан­ге­ли и пред Јагнето.

11 Димот од мачењето нивно ќе се из­дига во сите векови; нема да имаат мир ни дење, ни ноќе оние што ќе му се поклонат на ѕверот и на неговата биста, и што ќе го примат белегот на неговото име!“

12 Тука е трпението на светиите; тука се оние што ги пазат заповедите Божји и верата во Исус.

13 Чув глас од небото како да ми вели: „Напиши — блажени се мртвите кои от­сега умираат во Господ! Да — вели Ду­хот — нека се одморат од трудот свој, зашто делата нивни ги следат!“

14

И видов: ете, светол облак, и на об­лакот седеше сличен на Синот Чо­веч­ки; на главата Своја Тој имаше златен венец, а во раката — остар срп.

15 И друг ангел излезе од храмот и из­вика со силен глас на Оној што седеше на облакот: „Замавни со српот и жнеј, зашто дојде твојот час за жетва: бидејќи житото на земјата е зрело!“

16 И Оној што седеше на облакот го фрли српот свој на земјата и земјата бе­ше пожнеана.

17 И друг ангел излезе од храмот, што се наоѓаше на небото, и имаше исто та­ка остар срп.

18 И друг ангел, кој имаше власт над огнот, излезе од жртвеникот и со силен глас извика кон оној што имаше остар срп, велејќи: „Фрли го српот свој и обе­ри го грозјето од земното лозје, зашто зрната му се веќе зрели!“

19 И ангелот го фрли српот свој на земјата, го обра земното лозје и го фрли во големата каца на Божјиот гнев,

20 и се изгмечи кацата надвор од гра­дот, и потече крв од кацата дури до уз­дите на коњите, на илјада и шестотини стадии.

15

1

И видов друг знак на небото, голем и чуден: седум ангели што ги држеа седумте последни казни, заш­то со нив ќе се заврши Божјиот гнев.

2 И видов нешто како стаклено море, измешано со оган; и оние што го победија ѕверот и неговата биста, неговиот белег и бројот на неговото име, стоеја на тоа стаклено море и имаа харфи Божји.

3 И ја пееја песната на Мојсеј, Бож­ји­от слуга, и песната на Јагнето, велејќи: „Големи и чудесни се делата Твои, Гос­поди Боже Седржителе! Праведни и вистинити се Твоите патишта, Царе на народите!

4 Кој нема да се уплаши од Тебе, Гос­поди, и не ќе го прослави името Твое? Зашто само Ти си свет; зашто сите на­роди ќе дојдат и ќе се поклонат пред Те­бе; бидејќи се појавија Твоите праведни судови!“

5 Потоа видов: ете, на небото се отво­ри храмот на скинијата на собранието.

6 И излегоа од храмот седумте ангели, што ги држеа седумте зла, облечени во чисти и светли облеки од ленено платно и опашани преку градите со златни појаси.

7 И едно од четирите животни на се­думте ангели им даде седум златни ча­ши, полни со гневот на Бога, Кој живее во вечни векови.

8 И се исполни храмот со дим од сла­вата на Бога и од силата Негова, и никој не можеше да влезе во храмот додека не се извршија седумте казни на седум­те ангели.

16

1

И чув од храмот висок глас како им вели на седумте ангели: „Одете, излејте ги седумте чаши со гне­вот Божји на земјата!“

2 И отиде првиот ангел и ја излеа ча­шата своја на земјата; и по луѓето, што го имаа белегот на ѕверот и се поклонуваа на неговата биста, се појавија лоши и лути рани.

3 И вториот ангел ја излеа чашата своја во морето: и тоа стана како крв од убиен човек; и сѐ живо изгина во морето.

4 Третиот ангел ја излеа чашата своја во реките и во изворите водни, и тие се претворија во крв.

5 Потоа го чув ангелот на водите како вели: „Праведен си, Господи, Кој си, Кој беше, Свет си, зашто така пресуди,

6 бидејќи тие пролеаја крв на светии и пророци, и Ти им даде да пијат крв — за­служуваат!“

7 И чув друг како зборува од жрт­ве­никот: „Да, Господи Боже Седржителе, вистинити и праведни се Твоите пресуди!“

8 Четвртиот ангел ја излеа чашата своја врз сонцето; и му се даде да ги жари луѓето со оган.

9 И силна жега ги опфати луѓето, и го похулија името на Бога Кој има власт над тие зла, и не се покајаа да Му оддадат слава.

10 Петтиот ангел ја излеа чашата сво­ја врз престолот на ѕверот; и царството негово се помрачи и луѓето ги гризеа ја­зиците свои од болка

11 и Го проколнуваа небесниот Бог по­ради болките и раните свои, но не се покајаа за делата свои.

12 Шестиот ангел ја излеа чашата сво­ја во големата река Еуфрат; и пресуши водата нејзина за да се приготви патот за царевите од сончевиот исток.

13 И видов кога од устата на змевот и од устата на ѕверот и од устата на лаж­ниот пророк излегоа три нечисти духа, како жаби;

14 зашто тоа се ѓаволски духови кои прават чуда; тие одат кај царевите на целиот свет, за да ги соберат за војна во оној голем ден на Бог Седржителот.

15 „Ете, Јас доаѓам како крадец; бла­жен е оној кој бдее и пази на алиштата свои за да не оди гол и да не се гледа срамот негов!“

16 И ги собра на местото наречено по еврејски Армагедон.

17 Седмиот ангел ја изли чашата своја на воздухот; и од престолот на небес­ни­от храм се пронесе силен глас кој извика: „Се сврши!“

18 И имаше светкавици, громови и гласови, и стана силен земјотрес, таков голем и силен потрес, каков што немало откако има луѓе на земјата.

19 Големиот град се раздели на три де­ла, и градовите на незнабошците паднаа; а великиот Вавилон се спомна пред Бога за да му се даде чашата со вино од јароста на Неговиот гнев.

20 Сите острови исчезнаа, и гори веќе не се гледаа.

21 И град, голем како талант , падна од небото на луѓето; а луѓето Го про­колнуваа Бога поради злото од градот, зашто тоа зло беше многу големо.

17

1

Потоа дојде еден од седумте ангели, што ги имаа седумте ча­ши, и зборуваше со мене, велејќи ми: „Дојди да ти ја покажам пресудата на големата блудница која седи над многу води;

2 со неа блудствуваа земните цареви, и со виното на нејзиното блудство се опи­ја жителите на земјата!“

3 И ме одведе со духот во пустина: и видов жена како седи на црвен ѕвер, кој беше полн со богохулни имиња и има­ше седум глави и десет рогови.

4 А жената беше облечена во пурпур и скерлет и накитена со злато, со дра­го­цени камења и бисери. Во раката своја држеше златна чаша, полна со гнасотија и нечистотија од блудството нејзино.

5 А на челото ѝ беше напишано име­то: „Тајна, великиот Вавилон, мајка на блудниците и на земните гнасотии.“

6 И ја видов жената како се опива со крвта на светиите и со крвта на сведо­ците Исусови; и се зачудив многу кога ја видов.

7 И ми рече ангелот: „Што се чудиш? Јас ќе ти ја кажам тајната на оваа жена, и на ѕверот, што ја носи и има седум глави и десет рогови.

8 Ѕверот, што го виде ти, беше и го не­ма; тој ќе излезе од бездната и ќе за­ги­не; и земните жители, чии имиња не се запишани во книгата на животот од созданието на светот, ќе се почудат, кога ќе видат дека ѕверот беше и го нема, иа­ко постои.

9 Овде е потребен ум што има муд­рост. Седумте глави, тоа се седумте го­ри врз кои седи жената;

10 а седумте цареви, од кои петмина паднаа, едниот постои, другиот уште не дошол; и кога ќе дојде, малку ќе остане.

11 И ѕверот што беше и кого што го нема, е осми; тој е еден од седумте и ќе загине.

12 А десетте рогови, што ги виде, се десет цареви, кои царства уште не при­мија, туку како цареви ќе добијат власт само за извесно време заедно со ѕверот.

13 Тие имаат една мисла, и силата и власта своја ќе му ја предадат на ѕверот.

14 Тие ќе војуваат против Јагнето, и Јагнето ќе ги победи, зашто Тој е Гос­подар над господарите и Цар над царевите, и оние, што ќе се со Него, се повикани и избрани и верни.“

15 И ми рече: „Водите што ги виде ти, каде што седи блудницата, тоа се лу­ѓе­то и народите, племињата и јазиците.

16 А десетте рогови, што ги виде на ѕверот, тие ќе ја замразат блудницата, ќе ја запустат и оголат, и телото нејзино ќе го изедат, а неа самата на оган ќе ја изгорат.

17 Зашто Бог им даде во срцата нивни да ја исполнат волјата Негова, да се до­говорат и да го дадат царството свое на ѕверот, додека не се исполни словото Божјо.

18 А жената, која ја виде ти, е го­ле­ми­от град кој царува над земните цареви.“

18

1

А по ова видов како слегува од небото друг ангел кој имаше го­лема власт: и земјата светна од не­го­виот болскот.

2 И извика силно, зборувајќи со висок глас: „Падна, падна великиот Вавилон, и стана ѓаволско живеалиште и засолниште на секаков нечист дух, врта­лиш­те на сите нечисти и гадни птици;

3 зашто со отровното вино на своето блудство ги напои сите народи. И царевите земни блудствуваа со неа, а тргов­ците земни се збогатија од нејзината го­лема раскош!“

4 И чув друг глас од небото како вели: „Излезете од неа, луѓе Мои, за да не со­учествувате во гревовите нејзини, и да не добиете од казните нејзини;

5 бидејќи гревовите нејзини стигнаа до небото, и Бог си спомна за неправдите нејзини.

6 Платете ѝ како што и таа ви плати вам и дајте ѝ двојно онолку за делата нејзини; со чашата, со која ве служеше, послужете ја двојно.

7 Колку што се прослави и живееше раскошно, толку мака и јад вратете ѝ. Зашто во срцето свое вели: ‚Седам како царица, вдовица не сум и мака нема да видам.‘

8 Затоа во еден ден ќе ја сполетаат казните; смрт, жалост и глад, и ќе биде изгорена во оган, зашто силен е Господ Кој ја суди.

9 И ќе заплачат и ќе заридаат по неа царевите земни, кои блудствуваа со неа и живееја раскошно, кога ќе го видат димот од горењето нејзино;

10 и стоејќи оддалеку, од страв пред нејзините маки ќе велат: ‚Тешко, теш­ко, голем граде Вавилоне, граде силни, зашто во еден час дојде пресудата твоја!‘

11 И трговците земни ќе плачат и ри­даат за неа, бидејќи стоките нивни нема веќе никој да ги купува;

12 стоки од злато и сребро, од дра­го­цени камења и бисери, од висон и порфир, од свила и скерлет, секакво ми­риз­ли­во дрво и секакви работи од слонова коска: секакви изработки од скапоцено дрво, од бакар, железо и мермер;

13 и цимет и темјан, миро и ливан, ви­но и масло, брашно и пченица, говеда и овци, коњи и коли, тела и души чо­веч­ки.

14 И овошјата, за кои душата ти копнееше, повеќе ги немаш, и сето богатство и сјај исчезнаа за тебе, и нема веќе да ги најдеш.

15 Трговците, кои со тие стоки се збогатија од неа, ќе стојат оддалеку од страв пред маките нејзини, и плачејќи, и ридајќи

16 ќе зборуваат: ‚Тешко, тешко тебе, граде голем, облечен во свила, порфир и скерлет, украсен со злато, драгоцени камења и бисери,

17 зашто во еден миг пропадна толку големо богатство!‘ И сите сопственици на кораби, и сите патници во корабите, и морнарите, и оние што тргуваат по море, застанаа оддалеку

18 и викаа, па гледајќи го димот од го­рењето негово, велеа: ‚Кој беше како овој голем град?‘

19 И ги посипаа главите свои со пепел и со плачење викаа и велеа: ‚Тешко, тешко тебе, граде голем со чии скапоцености се обогатија сите што имаа кораби по море; зашто за еден миг запусте!‘

20 Весели се поради тоа, небо, и вие светии и апостоли и пророци, зашто Бог ги заштити вашите права!

21 Тогаш еден силен ангел подигна еден камен, голем како воденички ка­мен, па го фрли во морето и рече: ‚Со такво бучење ќе биде сринат Вавилон, големиот град, и ќе го нема веќе!‘

22 И глас на харфисти, пејачи, свирачи и трубачи во тебе нема веќе да се чуе; никаков уметник од која и да е уметност нема веќе да се најде во тебе, шум од воденичен камен нема веќе да се чуе во тебе.

23 И светлина од светила нема веќе да осветлува во тебе, и глас на мла­до­же­нец и невеста нема веќе да се чуе во те­бе, бидејќи трговците твои беа големи луѓе на земјата, зашто преку твоите ма­гии се заблудија сите народи.

24 И во него се најде крв на пророци и светии, а и на сите што беа погубени на земјата.“

19

1

Потоа чув висок глас како од многу народ на небото, кој ве­ле­ше: „Алилуја, спасение и слава, чест и сила на нашиот Бог,

2 зашто пресудите Негови се вистинити и праведни; бидејќи Тој ја осуди го­лемата блудница која со своето блудство ја расипа земјата, и се одмазди за крвта на слугите Свои, што загинаа од раката нејзина.“

3 И повторно рекоа: „Алилуја! Димот нејзин ќе се издига во векови!“

4 Тогаш паднаа дваесет и четирите старешини и четирите животни, та Му се поклонија на Бога, Кој седеше на престолот велејќи: „Амин, алилуја!“

5 А од престолот излезе глас, кој ве­ле­ше: „Фалете Го нашиот Бог сите слуги Негови и вие, кои имате страхопочит кон Него, големи и мали!“

6 И чув глас како од многу народ, глас како од многу води, и глас како од сил­ни грмотевици, кој велеше: „Алилуја, зашто се зацари Господ Бог, Се­др­жителот!

7 Да се радуваме и да се веселиме и да Му оддадеме слава, бидејќи дојде свадбата на Јагнето, и невеста Му се при­готви!

8 И ѝ се даде да се облече во чист и светол висон.“ А висонот е праведноста на светиите.

9 И ми рече: „Напиши — блажени се поканетите на свадбената вечера кај Јагнето!“ А ми рече уште: „Ова се вис­тински Божји зборови!“

10 И паднав пред нозете негови да му се поклонам; но тој ми рече: „Стој, и јас сум слуга како и ти и браќата твои, што го имаат сведоштвото Исусово; поклони Му се на Бога, зашто сведоштвото Исусово е Духот на пророштвото!“

11

И го видов небото отворено, и ете, бел коњ и Оној Кој јаваше на него се вика Верен и Вистинит, и Тој праведно суди и војува;

12 очите Му беа како огнен пламен, а на главата имаше многу круни и напи­шано име кое освен Него, никој не го знаеше.

13 И беше облечен во облека натопена со крв, и со името — Слово Божјо.

14 А небесните војски, облечени во бел и чист висон, врвеа по Него на бели коњи.

15 Од устата Негова излегуваше остар меч за да ги казни со него идолопоклониците. Тој ќе ги пасе со железен же­зол и ќе ја изгази кацата со вино на ја­роста и гневот на Бога Седржителот.

16 На облеката и на бедрото Негово беше напишано името: „Цар над царевите“ и „Господар над господарите.“

17 Потоа видов еден ангел како стои на сонцето; тој извика со висок глас и им рече на сите птици што летаа сред небото: „Долетајте и соберете се на го­лемата Божја вечера,

18 да јадете тела на цареви, тела на војводи, тела на силни, тела на коњи и на нивните јавачи, и тела на сите — слободни и робови, мали и големи!“

19 Тогаш го видов ѕверот и земните цареви и нивните војски собрани за да војуваат против Оној Кој седеше на коњ, и Неговата војска.

20 Ѕверот беше фатен, а заедно со него и лажниот пророк, кој правеше чуда пред него, та ги соблазни оние што беа примиле белег од ѕверот и ѝ се поклонуваа на неговата биста: и обајцата живи беа фрлени во огненото езеро со запален сулфур;

21 другите, пак, беа убиени со мечот што излегуваше од устата на Оној Кој седеше на коњот. И сите птици се наситија од телата нивни.

20

1

Потоа видов како од небото слегуваше ангел кој го имаше клучот од бездната и голема верига во раката своја:

2 го фати змевот, древната змија, која е ѓаволот и сатаната — и го врза за илјада години;

3 потоа го фрли во бездната и го зак­лучи, ставајќи печат врз него за да не ги лаже веќе народите до завршувањето на илјада години; по ова време тој треба да биде пуштен за малку време.

4 И видов престоли и седнати на нив, на кои им беше дадено да судат, а и ду­шите чии глави беа исечени поради све­доштвото Исусово и заради словото Божјо, а и оние што не му се поклонија на ѕверот ниту на неговата биста, и не примија белег на челата свои и на рацете свои и оживеаја и царуваа со Христос илјада години.

5 Другите, пак, од умрените не ожи­ве­аја додека не се навршија илјада години. Тоа е првото воскресение.

6 Блажен и свет е оној кој има дел во првото воскресение; над нив втората смрт нема власт, а ќе бидат свештеници на Бога и ќе царуваат со него илјада го­дини.

7

А кога ќе се навршат илјада години, сатаната ќе биде пуштен од затворот свој,

8 и ќе излезе да ги лаже народите по четирите краишта на земјата, Гог и Магог, и да ги собере за војна; нивниот број е колку морскиот песок.

9 Тие излегоа по ширината земна и го заобиколија живеалиштето на светиите и возљубениот град; падна од Бога оган небесен и ги проголта.

10 А ѓаволот, што ги лажеше, беше фрлен во огнено и сулфурно езеро, каде што е ѕверот и лажниот пророк; тие ќе бидат мачени дење и ноќе во векови.

11

И видов голем бел престол и Сед­на­тиот на него, од Чие лице побегнаа земјата и небото, и за нив место не се најде.

12 Потоа ги видов мртвите, мали и го­леми, како стојат пред Бога; се отворија книги, и друга книга се отвори — книгата на животот; и судени беа мртвите според запишаното во книгите, според делата нивни.

13 Морето ги поврати мртвите свои, кои беа во него; смртта и пеколот ги повратија мртвите свои, што беа во нив; и секој прими суд според делата свои.

14 А смртта и пеколот беа фрлени во Огненото Езеро. Тоа е втората смрт.

15 И кој не беше запишан во книгата на животот, беше фрлен во Огненото Езеро.

21

1

И видов ново небо и нова земја, зашто поранешната земја помина, и морето го немаше веќе.

2 Тогаш јас, Јован, го видов светиот град Ерусалим, нов, како слегува од Бога, од небото, стокмен како невеста променета за својот маж.

3 И чув висок глас од небото како збо­рува: „Ете го светиот шатор, све­ти­лиш­тето на Бога меѓу луѓето, и Тој ќе жи­вее со нив; тие ќе бидат Негов народ, а Сам Бог ќе биде со нив — нивниот Бог.

4 И ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина.“

5 И Седнатиот на престолот рече: „Ете, сѐ ново создавам.“ И ми рече: „Напиши, зашто овие зборови се вистинити и верни.“

6 Потоа ми рече: „Се сврши! Јас (сум) Алфа и Омега, почетокот и крајот. На жедниот ќе му дадам Јас од изворот на жива вода дарум.

7 Кој победува, ќе наследи сѐ, и ќе му бидам Бог, а тој ќе Ми биде син.

8 А на плашливците и неверниците, на поганите и убијците, на блудниците и маѓесниците, на идолопоклониците и на сите што лажат, делот им е во езерото што гори со оган и сулфур, тоа е втората смрт.“

9

Тогаш дојде кај мене еден од се­дум­те ангели, што ги држеа седумте чаши, полни со седумте последни казни, ми прозборе и рече: „Дојди, ќе ти ја по­ка­жам невестата — жената на Јагнето.“

10 Па ме одведе преку Духот во една голема и висока гора и ми го покажа големиот град, светиот Ерусалим, кој слегуваше од небото — од Бога,

11 и имаше Божја слава; светлината негова прилегаше на најскапоцен ка­мен, како светол камен јаспис;

12 тој имаше големи и високи ѕидови, дванаесет порти, а над нив дванаесет ан­гели и напишани имињата на дванаесет­те колена на синовите Израелови:

13 спроти исток — три порти, спроти север — три порти, спроти југ — три порти, спроти запад — три порти.

14 Ѕидовите на градот имаа дванаесет темели, и врз нив имињата на дванаесетте апостоли на Јагнето.

15 Оној што зборуваше со мене имаше златна трска за да го измери градот и портите негови и ѕидовите негови.

16 Градот беше четириаголен, а дол­жината му е колку што и широчината. Тој го измери градот со трската и најде дека изнесува дванаесет илјади стадии ; должината, широчината и височината негова — еднакви.

17 Потоа ги измери ѕидовите негови, што беа сто четириесет и четири лакти, со мерка човечка која е и ангелска.

18 Ѕидовите му беа изградени од јас­пис; а градот — од чисто злато, како чис­то стакло.

19 Темелите на градските ѕидови беа украсени со секаков вид скапоцени камења: првиот темел — јаспис, вториот — сафир, третиот — халкидон, четвртиот — смарагд,

20 петтиот — сардоникс, шестиот — сард, седмиот — хрисолит, осмиот — вирил, деветтиот — топаз, десеттиот — хрисопрас, единаесеттиот — хијацинт, дванаесеттиот — аметист.

21 А дванаесетте порти беа дванаесет бисери: секоја порта беше од еден би­сер; улиците на градот беа од чисто зла­то како проѕирно стакло.

22 Храм, пак, не видов во него, бидејќи Господ Бог Седржителот и Јагнето се неговиот храм.

23 И градот немаше потреба ни од сонце, ни од месечина за да светат во него, зашто Божјата слава го осветлува, а светило му е Јагнето.

24 И спасените народи ќе одат по неговата светлина, и царевите земни ќе ја принесат во него својата слава и чест.

25 А портите негови нема да се зак­лу­чуваат дење, бидејќи таму нема да има ноќ.

26 И ќе ја внесат во него славата и честа на народите;

27 и нема во него да влезе ништо не­чисто, ни оној кој врши гнасни работи и лаже, а само оние кои се запишани во книгата на животот на Јагнето.

22

1

И ми покажа чиста река со вода на животот, бистра како крис­тал, која истечуваше од престолот на Бога и на Јагнето.

2 Сред главната улица и од двете стр­ани на реката — дрвото на животот, што раѓа плодови дванаесет пати, давајќи плод секој месец; а лисјата на дрвото служат за исцелување на народите.

3 И нема веќе да има никакво прок­летство; престолот на Бога и на Јагнето ќе биде во градот; Неговите слуги ќе Му служат

4 и ќе го гледаат лицето Негово, а името Негово ќе им биде на челата нив­ни.

5 И ноќ нема да има таму, и не ќе има потреба од светило, ниту од сончева светлина, бидејќи Господ Бог ќе ги осветлува, и ќе царува во вечни векови.

6

И ми рече: „Овие зборови се верни и вистинити. Господ, Бог на светите пророци, го испрати ангелот Свој, за да им покаже на Своите слуги што ќе стане наскоро.

7 ‚Еве, доаѓам скоро; блажен е оној кој ги пази пророчките зборови на оваа книга!‘“

8 И јас, Јован, го видов и го чув ова; и кога го чув и видов, паднав за да се поклонам пред нозете на ангелот, кој ми го покажа ова.

9 Но тој ми рече: „Стој, немој, зашто и јас сум слуга како ти, и браќата твои — пророци и оние што ги држат збо­ро­ви­те на оваа книга. Поклони Му се на Бо­га!“

10 И ми рече: „Не запечатувај ги про­рочките зборови на оваа книга, бидејќи времето е блиску!

11 Кој чини неправда, нека чини не­правда уште; и кој е осквернет, нека се осквернува уште; и кој е праведен, нека чини правда уште; и кој е свет, нека се осветува уште.

12 И еве, ќе дојдам скоро, и платата Моја е со Мене, за да му дадам на секого според делата негови.

13 Јас сум Алфа и Омега, Првиот и Последниот, Почетокот и Крајот!

14 Блажени се оние што ги исполнуваат заповедите Негови, за да бидат достојни за дрвото на животот и да влезат во градот низ портите.

15 А надвор се кучињата, вражачите, блудниците, убијците, идолопокло­ни­ците и секој што сака да лаже и лаже.

16 Јас, Исус, го испратив Својот ангел да ви го посведочи ова по црквите. Јас сум корен и род Давидов, сјајната ѕвезда Деница.“

17 И Духот и невестата велат: „Дојди!“ И кој ќе чуе, нека каже: „Дојди!“ И кој е жеден, нека дојде, и кој сака, нека зе­ме од водата на животот дарум.

18

И Јас му сведочам на секого кој ги слуша пророчките зборови на оваа книга. Ако некој нешто додаде кон нив, нему Бог ќе му наметне казни опишани во оваа книга.

19 Ако некој одземе од пророчките зборови на оваа книга, Бог ќе му го од­земе делот од книгата на животот, и од светиот град, и од она што е напишано во оваа книга.

20 Зборува оној што го сведочи ова: „Да, ќе дојдам скоро!“ — Амин! „Да, дој­ди, Господи Исусе!“

21 Благодатта на нашиот Господ Исус Христос нека биде со сите вас. Амин!